Твининг проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање, финансиран од Европска унија, „Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата“, во период 11-13 декември 2018, спроведе 4 консултативни работилници за подготовка на протокол и методологија за мониторинг на видови на животни, птици и васкуларни растенија и за типови живеалишта, коишто се од европско и национално значење, придонесувајќи со стручни коментари кон подобро управување со заштитените подрачја коишто во иднина претендираат да добијат статус Натура 2000 подрачје.
Целта на консултативната работилница е размена на информации за процесот на подготовка на протоколи и методологии за мониторинг на биодиверзитетот, дискутирање околу пристапот и нивната содржина, како и нивното финализирање. Учествуваа експертите од твининг проектот, домашни експерти за видови васкуларни растенија, животни, птици и живеалишта и претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор за природа.
Беа презентирани листовите со факти (factsheet) за секој забележан вид во изминатите 12 месеци, и тоа за 20 вида птици, 15 вида животни, повеќе васкуларни растенија и типови живеалиште од околината на Преспанското езеро и Националниот парк Пелистер.
Присутните се запознаа со начинот на известување согласно Директивата за птици и Директивата за живеалишта, преку Лист со факти (factsheet), што содржи податоци за:
– големина на популацијата, популациски тренд,
– конзервациски статус, со екологија, бројност, методи за следење,
– распространетост на гнездата и тренд на гнездењето,
– притисоци и закани, мерки за зачувување, постоење на план за управување,
– дозволен број за лов,
Дискусиите на домашните и странските експерти дадоа одлична можност за промена на начинот на гледање кон еколошките потреби на видовите и искуствата од спроведување на методите за пребројување и следење на видови.
Како заклучок беа одобрени методите за пребројување (инвентаризација) и следење (мониторинг) на видовите од европско и национално значење, особено методите на пребројување по локации и активно пребарување на терен, со користење на формулар за теренско истражување.