Во рамките на проектот “Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата” (MK 13 IPA EN 02 17) во соработка на Финскиот институт за животна средина и Државната служба за заштитени подрачја од Литванија и Министерството за животна средина и просторно планирање, во периодот од 22-28.04.2018 година реализирана е студиска посета во Литванија. На студиската посета учествуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Сектор за природа и преставници на двете пилот подрачја, Национален парк Пелистер и Општина Ресен, кои се опфатени со проектот.
Целта на посетата беше да се разменат искуства и стекнат знаења за прашања поврзани со воспоставување и развој на еколошката мрежа Natura 2000 и изработка и спроведување на планови за управување со заштитени подрачја/Natura 2000 подрачја во Литванија. При тоа беа посетени заштитени подрачја од различна категорија на заштита и Натура 2000 подрачја, како што се Националниот парк – Dzukija, Строг природен резерват – Cepkeliai, Биосферниот резерват – Žuvintas и Национален парк – Aukštaitija.
Стекнатите знаења ќе помогнат во изработката на плановите за управување со Националниот парк Пелистер и Споменикот на природата – Преспанско Езеро, коишто се главните резултати на компонента 1 од посочениот Twinning проект.