Студиска посета во Финска

Во рамките на твининг проектот “Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата”, што е партнерска соработка на Министерството за животна средина и просторно планирање од Македонија со Финскиот институт за животна средина, Метсахалитус за паркови и дивеч од Финска и Државната служба за заштитени подрачја од Литванија, реализирана е студиска посета во Финска, во периодот од 22-29.09.2018.

На студиската посета учествуваа претставниците од Сектор за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање, Националниот парк Пелистер и Секторот за животна средина при Општина Ресен, кои се воедно и опфатени со проектот. Целта на посетата беше да се разменат искуства и стекнат знаења од Финска, за прашања поврзани со воспоставување и развој на мрежата Natura 2000, за изработка и спроведување на планови за управување со заштитени подрачја/Natura 2000 подрачја, заштитата на природните добра и да се изработат мониторинг протоколи за живеалиштата и видовите од ЕУ интерес во Македонија.  Пред да стане членка на ЕУ, Р. Македонија треба да го реализира процесот на прогласување на идни НАТУРА 2000 подрачја во Државата, а со тоа да ја воспостави европската еколошка мрежа НАТУРА 2000.

При тоа беа посетени неколку институции и заштитени подрачја од различна категорија на заштита, коишто припаѓаат на мрежата на Натура 2000 подрачја:

Vallisaari, остров во близина на центарот на Хелсики, претворен во рекреативна и заштитена зона управувана од Метсахалитус, Паркови и дивеч на Финска http://www.nationalparks.fi/vallisaari

Министерство за животна средина на Финска http://www.ym.fi/en-US

Природно научен музеј на Хелсинки https://www.luomus.fi/en/natural-history-museum

Институт за животна средина на Финска СИКЕ http://www.syke.fi/en-US

Metsähallitus, Паркови и дивеч на Финска http://www.metsa.fi/web/en/parksandwildlifefinland

Фински центар за природа Haltia https://www.haltia.com/en/haltia-the-finnish-nature-centre/

Национален парк Nuuksio http://www.nationalparks.fi/en/nuuksionp

Eerikkilä спортско рекреативен комплекс https://www.eerikkila.fi/en/

Национален парк Liesjärvi http://www.nationalparks.fi/liesjarvinp

Korteniemi историска фамра во НП Liesjärvi http://www.nationalparks.fi/korteniemi

Широко прифатена од јавноста е кампањата “Здрави паркови – здрави луѓе” во Финска. Луѓе од сите возрасти ги користат патеките изградени од државата за секојдневно или за викенд да пешачат низ шумите, користејќи секакви дигитализирани мапи и навигации. https://www.retkikartta.fi/?lang=en

Финските институции ги поддржуваат рекреативните активности со многу спортски центри, со цел новите генерации на жители да пораснат во поздрави личности.

Стекнатите знаења ќе помогнат во изработката на плановите за управување со Националниот парк Пелистер и Споменикот на природата – Преспанско Езеро, коишто се целни региони на овој Твининг проект.

Споредувајќи ги финските техники за заштита на приородата и управување со заштитените подрачја, некои од учесниците дадоа свои препораки за идниот напредок на заштитените подрачја во Македонија.

“Потребно е да се воспостават протоколи за мониторинг на вредностите и конзерваторскиот статус на природните живеалишта и дивите видови во Македонија, согласно ЕУ Директивата за живеалишта и искуствата од Финска.” Влатко Трпески, Министерство за животна средина и просторно планирање

Според Пеце Цветановски, Национален парк Пелистер „Препорачливо е за секое Натура 2000 подрачје или поодделно заштитено подрачје да нема обврска да изготви План за управување, туку пред се` да е обврзано да има Акционен план, којшто има улога на Годишната програма за работа на еден Национален парк во Македонија. Овој тип на планирање се темели на паметен пристап кој одговара на моменталните потреби.“

„Развој на концептот за екосистемски услуги со вклучување на еко-туризам и други вредности на природата е во корист на унапредување на социо економскиот развој на заедницата, при процесите на воспоставување и одржување на македонските Натура 2000 подрачја и другите заштитени подрачја.“ Ајман Ал Малла, Општина Ресен

“Натура 2000 може да стане важен извор на приходи за локалното население преку развој на туризмот, ангажман на семејни фирми, сувенири, или плаќање на локалното население кое извршува активности за заштита на Натура 2000 подрачјата, како и финансирање и програми за подобрување на состојбата на инфраструктурата.” Бурбуќе Хаџијаха, Министерство за животна средина и просторно планирање

„Разработка на нов модел за зонирање на заштитените подрачја во Република Македонија, согласно позитивните искуства на Финска и согласно со критериумите на IUCN.“ Сашко Јорданов, Министерство за животна средина и просторно планирање