Твининг проектот официјално заврши со својот период на спроведување на 17 август 2019 година. По тој повод на 1 август 2019 година во Природонаучниот музеј во Скопје, се одржа Завршен настан за презентирање на резлтатите на проектот. Настанот го водеше м-р Сашко Јорданов, раководител на Одделение за заштита на природното наследство и Натура 2000 во МЖСПП и РТА на Твининг проектот од земјата корисник.
Завршниот настан на Твининг проектот официјално го отвори г-ѓа Ана Петровска, Државен секретар во МЖСПП. Таа се осврна за улогата и напорите на МЖСПП во активностите за идентификација на Натура 2000 и исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици. Воедно се заблагодари на помошта што ја пружа ЕУ во подрачјето животна средина и особено во конктретниот проект во кој беше вклучена администрацијата за областа заштита на природата од Финска и Литванија.
Во присуство на претставниците на 56 институции, здруженија на граѓани, консултантски компании, меѓународни организации од областа на заштита на животната средина и природата и др., Раководителот на Секторот за природа во Министерството за животна средина и просторно планирање и проектен лидер на Твининг проектот од земјата корисник, М-р Влатко Трпески ги презентираше постигнатите резултати, испорачаните документи и остварените одредници за успешноста на проектот. Остварените резултати во проектот се благодарение на посветената работа на вработениот персонал во проектот, меѓународните експерти од Финска и Литванија, МЖСПП, Сектор за природа, како од националните експерти ангажирани ворамките на ЕУ/УНДП проектот: Унапредување на управувањето со заштитените подрачја.
Во своите обраќања, Шефот на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, г-дин Никола Бартолини и Неговата екселенција Амбасадор на Финска за регионот Кимо Лахдевирта ја истакнаа користа од меѓународни партнерства за заштита на природата, особено во делот на пренесување на искуства и вештини во процесот на хармонизација со ЕУ законодавството и развојот на Натура 2000 мрежата, како најзначајна Европска еколошка мрежа, што е воедно најголемата мрежа на заштитени подрачја. Посебно ја истакнаа потребата да се продолжи со финансирање на проекти од ЕУ за зајакнување на институционалните капацитети во областа на заштита на природата.
На крај, г Петри Алрот, проектен лидер од земја членка на ЕУ (Финска), говореше за позитивното искуство од соработката на сите партнери во конзорциумот, како и од преносот на знаење помеѓу сите три партнерски држави.
На крајот на настанот Твининг проектот додели благодарници на Јавната установа НП Пелистер и на Општина Ресен за успешната соработка и придонес кон Твининг проектот, при спроведување на теренските активности, работилници, обуки и други настани во овие две пилот заштитени подрачја.
Во име на НП Пелистер благодарницата ја прими г Пеце Цветановски, а во име на Општина Ресен благодарницата ја прими Градоначалникот на Ресен г Живко Гошаревски.